Театарска претстава во МНТ

16th Mar 2016
tim 2
„Викај ги среќа“ е претставата која ја подготвуваме за одбележување на овој 21 март. Премиерата е закажана за 20-ти март, недела, во 19:00 часот на малата сцена на новиот Македонски народен театар.
Во неа професионални актери и аматери со Даунов синдром ќе не однесат на една сонувана авантура за роденденот на Рики, младо момче со Даунов синдром. Сите заедно ќе го славиме неговиот роденден и денот на кој се потсетуваме дека во нашиот шарен свет има и лица со Даунов синдром и тие имаат потреба од подобри услови за развој и прифаќање од заедниците во кои живеат.

Годинешното мото на World Down Syndrome Day „моите пријатели, мојата заедница“ нѐ потсетува дека онаму каде на децата со Даунов синдром им се дава шанса да учествуваат, сите деца имаат корист од оваа вклученост и на тој начин се гради средина во која царуваат пријателства, прифаќање, почит и високи очекувања. Децата кои пораснале познавајќи дете со Даунов синдром нема да дозволат да живеат во општество во кое за нивните пријателчиња ќе нема место и можност за самостоен живот.

Режисери на претставата се Златко Славенски и Куштрим Бектеши. Костимите ги осмисли Александар Ношпал. Со кореографија помогна Александра Кочовска Начева. Текстот го напиша Маријана Котевска Георгиева. Музичкиот избор е на Златко Славенски, а видео проекциите за време на претставата ги подготви „3D проект студио“ на чело со Милчо Узунов.
Финансиска поддршка за претставата беше обезбедена од Минисерството за култура, просторот и многу од сценските услуги се во организација на Македонскиот народен театар, а многу други соработници и добронамерници ни помогнаа со други аспекти од подготовките. Меѓу нив се: Fashion group, Стоби, Alchemist, Струмица транс, АБ бижутерија, Polyesterday, Vitrum и други.
Улогите ги играат:
Рики – Гоце Маринковски
Виктор (братот на Рики) и пилотот – Борче Начев
Мајката на Рики и Дрвото на цвеќињата – Искра Ветерова
Емилија (Виле) – Арна Шијак
Крокодилот и Капетанот – Марија Новак
Убава – Florence Garrett
Среќна – Габриела Трајчевска
Везилка – Елизабета Петковска
Весела – Ивана Мерџановска
Полетен – Леон Иванов
Шеќерче – Мила Силјановска
Ведра – Енџи Николоска
децата – Леона и Луциа Мантон, Алан Фејзула

Comments are closed.